Иако депонијата под касарна на крајот од куќите се чисти редовно, овој празен простор постојано се затрупува со разноразен отпад. Стари алишта, градежен материјал, биоразградлив градинарски отпад, отпад од домаќинство, и што ли уште не, чистеа денеска комуналците од дивата депонија под касарната.
И покрај апелите од комуналците, загадувањето и нагрдувањето на животната средина никако да престане. Уште еднаш да информираме дека комуналниот отпад во било која количина, доколку е правилно спакуван во вреќи го собира „Комуналец“ со редовната неделна линија. Секој четврток пак, бесплатно од домовите се собира габаритен отпад со најава на телефон 048/428 992. За градежниот шут и отпадот од градење се користат контејнери од 5м3 и трактор со приколка од 3 м3.
Со вака организираниот начин на собирање, транспортирање и депонирање на отпадот, сиот отпад, освен селектираниот, треба да заврши во депонијата Алинци, а не во околината на Прилеп.
Доколку дозволат временските услови, комуналците ќе продолжат со чистење на дивите депонии редоследно, по проценка на приоритет и ризик од стручните служби.