Од утре, ќеса за пазарење во маркетите и продавниците ќе чини 15 денари, согласно новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување. Исто така, за првпат се воведува и забрана за еднократна употреба на пластично пакување во заштитените подрачја. Надоместокот од 15 денари за биоразградливи ќеси ќе мора да биде евидентиран и пренесен во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање. Колку овој фонд ќе помогне и во напорите на Локалните самоуправи да се справат со отпадот, останува да видиме.
Со овој Закон се забранува пуштање во промет на пластични ќеси за носење на стоки, исто така се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во државава.
Но, со надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот, биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки (чијшто дебелина е пониска од 15 микрони).
Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба кои не се рециклираат и многу тешко се разложуваат, и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „ загадувачот плаќа“.
Многу Граѓански здруженија работат на проблематиката со отпадот и заштитата на животната средина. И покрај сите напори кои ги прави ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, да се селектира се што може да се рециклира, општ впечаток во државава е дека отпадот наместо да ни биде на прво место за негово намалување со депонирање, останува сеуште тема на која многу малку се работи, како од надлежното министерство, медиумите, стопанството, а тука вклучително и граѓаните кои можад да бидат предводници во зачувувањето на животната средина.
Прилепски „Комуналец“ и понатаму останува на заложбата за селекција на отпад и сеуште на ниво на држава според статистиката од „Пакомак“ рециклира отпад колку и сите останати градови заедно, вклучително и градот Скопје. Ова се должи и на навиката на граѓаните од Општина Прилеп, кои се принципиелни и го селектираат отпадот. Со дел од стопанството и малите бизниси треба да се поработи на оваа проблематика, зашто таму сеуште најмалку се селектира отпад.
Според Ревизорскиот извештај од ноември 2020 година, само ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, нема забелешки во делот на селекција на отпад од пластика, туку има позитивни препораки да се истрае на зацртаниот пат за чиста животна средина во Општина Прилеп, и препорака да се продолжи со градба на Центарот за управување со отпад во месноста Омец, Алинци.