Отпадот оставен на јавна површина со денови, сопственикот непознат

Повеќе од една недела комуналците чекаа да се јави сопственикот на отпадот собран во над 300 вреќи и оставен на јавна површина и да се консултира како да постапи со отпадот, дали и кога треба да нарача контејнер од 5м3, да го исфрли во нив, а „Комуналец“ да го транспортира и депонира до депонијата во Алинци.

И покрај сите заложби да се пронајде сопственикот на отпадот и да си ги сноси трошоците за ваков вид на отпад , до тоа не дојде.

Денеска комуналците со градежна машина и транспортни возила истиот го депонираа во месноста Омец, во атарот на Алинци.

Се поставува прашањето, дали „Комуналец’ е должен да се занимава и да троши финасиски средства и човечки ресурси за приватните потреби, како и домашните градежни работи и реновирања кои ги вршат граѓаните?

И покрај информирањето, молбите и апелите од јавното комунално претпријатие, за било која потреба поврзана со правилното третирање и управување со отпадот, правните и физичките лица да се обраќаат до „Комуналец“, се почести се примерите како овој, каде културата на живеење се покажува дека е на многу ниско ниво.

Останува вработените од „Комуналец“ да чистат се што граѓаните ќе извалкаат, и секогаш да бидат беспредметно критикувани, и покрај сите заложби и сета дополнителна работа која ја извршуваат, а која воопшто не е предвидена во ниту една Програма за работа.

Можеби ќе ви се допадне