На предлог на градоначалникот Борче Јовчески, со цел да се стави крај на одлагање на отпад на дивите депонии, да се подобри визуелниот изглед на околината наградов, и да се заштити и зачува природната убавина, денеска, се изведува голема еколошка акција на потегот од надвозникот на патот за Битола, Заполшки мост, па се до бензиската станица од Лук Оил.
Акцијата ја организира Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, во соработка со ЈКП„Водовод и канализација“, и со огромна помош од градежните фирми и нивната градежна опреатива. Големиот број градежни машини, чистеа и товараа огромни количини градежен шут, отпад од градење, комунален отпад, отпадни гуми, отпад од домаќинствата и што ли уште не, додека транспортните возила отпадот го транспортираа до депонијата во Алинци.
-„Со оглед на краткото време за работа пред дождливите и снежни врнежи, како создадените диви депонии кои ги има многу, ја прифативме идејата на градоначалникот Борче Јовчески, и со помош на ЈКП„ Водовод и Канализација“, и градежната опреатива од градов, да организираме и реализираме една ваква голема акција за чистење на дивите депонии. Покрај тоа што „ Комуналец’’, изминатава недела чисти диви депонии на обиколниот пат од кај Жито Прилеп и Варош, денеска планирано ни е да го исчистиме потегот од надвозникот кај Салида па се до Лук Оил. Во рамките на нашите можности и наредниов период, приоритет ќе ни бидат дивите депонии кои не се исчистени подолго време. И додека светот се бори секој отпаден материјал да го селектира и го претвори во корисен материјал за нареден производ, ние сеуште се бориме со чистење на дивите депонии“, изјави Рубинчо Абрашоски, в.д.директор на „Комуналец“. Воедно, тој упати апел до граѓаните да ги користат услугите на „Комуналец“ и да не го одлагаат отпадот во насекаде, со цел да имаме здрава и чиста животна средина.
Во обиколка на локациите каде се чистеја дивите депонии, беше и градоначалникот Борче Јовчески, кој изрази благодарност до комуналните претпријатија, и посебна благодарност до вработените од фирмите од градежната опратива, кои покрај учеството во денешната акција, најавија учество и помош во било која следна акција која ќе биде од еколошки карактер.
Битката со дивите депонии останува на комуналците, до пролет, да се справат со над триесетина локации каде има поголеми и помали диви одлагалишта на отпад, а на граѓаните останува да бидат коректни и совесни, и да сфатат, дека сиот отпад си има свое место за доброто на сите жители на Општина Прилеп.