Дива депонија до влезот на Економскиот факултет

И покрај врвната услуга од ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, која ја извршува во подигањето на отпад спрема граѓаните и бизнис секторот, сепак, одредени граѓани и фирми не си ја почитуваат заедницата во која живеат и отпадот го одлагаат на разно разни места.

Таков е и случајот со дивата депонија со измешан комунален и градежен отпад, која ја создадоја несовесни граѓани веднаш до влезот на Економскиот факултет. Денеска екипи од „Комуналец“, ја чистеа оваа дива депонија за која се чекаше да се размонтира скеле за сушење тутун, за да може да се интервенира со механизација.

И покрај апелите на Локалната самоупрва и „Комуналец“ дека комуналниот отпад и градежниот шут се две различни категории на отпад и секој отпад има различно собирање и посебен транспорт, поедини граѓани никако да ја разберат целта за постигнување на чист град и здрава животна средина.

Од „Комуналец“, уште еднаш апелираат до граѓаните дека било кој отпад и во било колкава количина од категоријата комунален отпад го собира и транспортира јавното претпријатие. Доколку во вашиот дом се создаде поголема количина на комунален отпад ( мебел, теписи, гранки, текстилни производи и друго) или секој отпад кој не може прописно да се спакува и да биде подигнат со редовната линија, тогаш граѓаните да се обратат во „Комуналец“. Овој отпад ќе биде подигнат бесплатно зашто припаѓа во категоријата комунален отпад и за кој граѓаните плаќаат сметка.

Додека пак, за градежниот шут во кој спаѓаат (блокови, цигли, герамиди, керамички плочки, дрвени остатоци од градба, малтер, песок, чакал, гипс, ригипс, ригипсни плочи, стиропор, пакувања од градежни материјали и друго) должни се граѓаните и фирмите да порачаат контејнер од 5м3 кој ќе биде доставен во време кое го бара корисникот на услуга и на располагање од 24 часа.

Можеби ќе ви се допадне