Се уредува станбената населба пред мостот кај касарната

Долгогодишното барање на жителите од станбената населба на ул„Васко Карангелески“ пред мостот кај касарната „Мирче Ацев“, конечно започна да се реализира и зависно од временските услови за два до три месеци овој запоставен простор околу зградите но и околните куќи ќе добие комплетно нов лик. ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, и Локалната самоуправа започнаа да го оплеменуваат просторот, односно се изведува негово партерно и хортикултурно уредување, согласно важечкиот Детален урбанистички план.

Овој простор ќе содржи неколку зелени површини, изведба на бекатон патеки на 1200 м2 кои станарите ги немааат од 1971 година, од кога и датира овој станбен комплекс, како и ивично обележување во должина од 500 метри. На дел од паркинг просторите ќе се поставува набиен тампон, а визуелниот изглед ќе се збогати со хортикултурно уредување со листопадни и зимзелени украсни дрвја. Посебно внимание ќе се посвети на определување на еколошки острови и поставување на комунална инфраструктура за одлагање на отпад и исфрлање на отпадоци.

Локалната самоуправа се реши да го осовремени и оплемени овој простор поради потребите на жителите кои со години имаат проблем, односно станарите се соочуваат со исфрлање на огромни количини на отпад кој се носи од околните улици и се исфрла помеѓу зградите, со што им е загрозено семејното домување, но и здравјето на жителите.

За потребите на паркот е ископан бунар за технолошка вода кој е предуслов за изградба на парковски површини и летно одржување.

Можеби ќе ви се допадне