Се чисти коритото од Дабнички канал на потегот од вливот во Градска река, па се до населбата „Тризла“, до мостот со ул„Ердован Шабаноски”. Пластични предмети, облека, јоги, теписи, палстична амбалажа, израснати трње и дива трева, натоложена кал, ќе се собира на купови наредниве денови. Каналот се чисти со механизација, а на некои потези каде не е возможно машинско чистење, комуналците ќе го чистат со рачен алат.
Видливи се куповите со отпад кои се прават по кејскиот дел и кои ќе се оставаат извесно време да се исцедат, зашто овој отпад не е можно да се транспортира во влажна состојба до депонијата Алинци. Комуналците, секогаш трпат критика од поедини граѓани кога се чисти овој потег, заради исцедокот, но од таму информираат дека друг начин на транспорт не е возможен.
Локалната самоуправа и Комуналец, со цел спречување на лесниот отпад при поројни дождови, ќе постават испустна преливна решетка кај мостот од касарните. Истата ќе биде контролирана и редовно чистена. На овој начин ќе се спречи одреден дел од отпадоците да се собираат пред испустната решетка.
Од Комуналец апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно кон животната средина, да не исфрлаат отпад во Дабнички канал, кој отпад, при поројни дождови, се слива и во Градската река. Воедно, информираат дека сиот отпад, без оглед на количината, Комуналец со редовна линија го собира од домовите. Доколку се работи за специфични категории и количини на отпад, освен градежен шут, граѓаните треба да се јават на 048/428-992, и ќе бидат услужени без да им биде наплатено.