Предуслов за изградба на зелени површини, зеленило и хортикултура е да се обезбеди техничка вода за полевање на истите. Од денеска, „Комуналец“ започна со градежни активности за инсталирање на водоводна мрежа на сите површини помеѓу зградите во населбата Ѓогдере. Поставена е пумпна станица во ископаниот бунар со издашност од 9 литри во секунда, кој во целост ќе ги задоволи потребите за полевање на предвидените површини.
Планирано е да се обноват зелените површини, да се постават нови клупи и корпи за отпадоци и да се изврши ново хортикултурно уредување. Од напролет, овие зелени површини ќе се полеваат, а со тоа ќе се обезбеди поквалитетен живот на граѓаните, а воедно ќе се подобри и визулениот изглед. Комплетната површина во комплексот згради Ѓогдере е 11.641 м2.
Парковските површини ќе ги обновува ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, а финасиските средства ќе ги обезбеди Локалната самоуправа, со Програмата за одржување на паркови, зеленило и парк шуми, и Програмата за изградба и подигање на зелени површини, а согласно Законот за Јавна чистота и Законот за зеленило.