Во организација на Локалната самоуправа и ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, со бројни активности, беше одебележан 21 март, Денот на пролетта.
Јавната администрација,пратеници, стопанственици, планинараски друштва, ученици од средните и основните општински училишта и доброволци, чистеа на неколку локации во градов и околината. Комплетно беше исчистен патот кој води кон Волково, пред манастирот Св„Димитрија“ и патот за Селце, паркинзите пред Новите градски гробишта, обиколницата, патот кој води кон манастирот Трескавец, и од потегот кај салонот Анита до депонијата во Алинци.
Најголемата акција денеска беше спроведена во паркот на Могилата, каде се кроеше, чистеше и се засадуваа зимзелени растенија и цвеќе. Воедно, учениците од Средното општинско училиште Орде Чопела, со нивно производство од цветен расад, засадија неколку алеи со цвеќе.
Во акцијата за почист Прилеп, се вклучија градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талески и партеничката Кети Смилеска.
Градоначалникот Илија Јованоски, најнапред се заблагодари на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ за сета заложба да се справи со сиот отпад во градов и отпадот неконтролирано исфрлен во природа. Тој ја потенцираше важноста од секој граѓанин да се вклучи во ваквите акции, но и да се грижи за својот дом, својот двор и воопшто за чиста животна средина.
„Со оваа акција сакаме да ја подигнеме свеста за заштита и зачувување на животната средина кај граѓаните. На мое големо задоволство во денешната акција за чистење во градот и околината, вклучени се и учениците од сите основни и средни училишта. Сакам да им се заблагодарам и на стопанствениците од нашиот град, кои со свои донации ја помогнаа оваа акција, а за која се надевам дека ќе прерасне во традиција.Оваа акција прв пат беше организирана минатата година каде се чистеше околината на вештачкото езеро. Би сакал да упатам апел до сите граѓани, со свои иницијативи, сите ние да го поддржиме овој ден и оваа акција во насока на развивање на свеста кај сите нас, за заштита на животната средина“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.
Директорката на ЈКП„Комуналец“ Ирена Станковска, се заблагодари на стопанствениците кои несебичнио со донација од зимзелени растенија ја помогнаа акцијата за зелен Прилеп.
Покрај ова, за Денот на пролетта, се засадуваа и зимзелени растенија во сите средни и основни училишта, во Јавната здравствена установа „Борка Талески“, и други институции.
Со денешната акција, се собрани над 1000 вреќи со разноразен отпад и депонирани во депонијата Алинци. Акцијата ќе продолжи на истите локации со чистење на дивите депонии, за кои е потребна механизација за чистење.
Еколошката акција за чистење и засадување на садници на повеќе локации од градот и околината, имаше за цел, активно вклучување на сите релевантни институции од јавниот и приватниот сектор, а по повод одбележување на 21 март, Денот на пролетта и Денот на екологијата.