Посета од Амбасадорот на Кралството Шведска

Денеска во Прилеп имавме особена чест да го пречекаме Амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Сулстром. Заедно со амбасадорот, претставници од амбасадата од шведската асоцијација SALAR како и работната група од Општина Прилеп, ја посетивме фабриката за селекција на отпад кај Алинци, проект со кој нашиот град станува пример во Република Македонија.

Горди сме што Прилеп денес се препознава како лидер во Македонија во селекцијата и современото управување со отпад. Тоа е резултат на континуирана работа, визија и силна соработка со меѓународните партнери.

Aмбасадорот Сулстром, истакна дека Прилеп и Пелагонискиот регион се водечки сили во земјата во рамките на овој проект, и токму затоа продолжуваме заеднички да делуваме за унапредување на системот за управување со отпад и пренесување на добрите практики низ целата држава.

Паралелно, интензивно се работи на реализација на регионалната депонија во Новаци, во чии рамки е предвидена и изградба на претоварна станица овде во Прилеп, во непосредна близина на фабриката за селекција. Таа ќе овозможи отпадот од повеќе општини ефикасно да се транспортира до регионалната депонија, значаен чекор кон модерен и одржлив систем.

Градоначалникот Дејан Проданоски се заблагодари на посетата и го информираше амбасадорот и прилепската јавност дека веќе утре се очекува пристигнување на уште едно од вкупно осумте нови возила за јавното комунално претпријатие „Комуналец“, преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во моментов работиме и на обезбедување на електрично напојување до фабриката. Не сакам да давам рокови, но сигурен сум дека сме блиску до моментот кога фабриката ќе биде ставена во функција, додаде Проданоски на средбата.

Со нејзиното пуштање во употреба, не само што ќе ги задоволиме потребите на Прилеп, туку ќе овозможиме и комерцијални услуги за селекција на отпад за соседните општини.

Продолжуваме посветено, за почист Прилеп и подобра иднина за сите граѓани.

Можеби ќе ви се допадне