ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, во соработка со градинките „Наша иднина“, Граѓанските здруженија Мој Прилеп, Станица 5, Агро Лаг Лидер и Извидничкиот одред Феникс, ја спроведуваат кампањата „Чисто е убаво“, имплементирана од САЛАР Интернационал, финасиран од Шведска, во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Проектот има за цел да ги зајакне оперативните и техничките капацитети на општините и јавните претпријатија, но и да се едуцираат граѓаните за правилно постапување со отпадот.
Преку игра, забава, креативни активности и интерактивни содржини, децата на интересен и пристапен начин учат како правилно да го селектираат отпадот, да ја одржуваат хигиената и да се грижат за чистотата на својот град. Најмладите се запознаваат со значењето на рециклирањето, одговорното однесување кон отпадот и важноста за зачувувањето на животната средина.

Главната цел на кампањата е уште од најрана возраст да се развиваат еколошката свест, одговорноста и здравите навики кај децата, со што тие ќе станат активни учесници во создавањето почиста и поубава животна средина.Преку ваквиот начин на едукација, децата не само што стекнуваат нови знаења, туку учат и како да ги применуваат во секојдневниот живот и да ги пренесуваат позитивните навики во своите семејства.
Директорот на ЈКП,, Комуналец’’, Љубиша Јованоски, ја истакна важноста од имплементирањето на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, со кој јавното претпријатие доби 9 нови комунални возила, 8318 канти за собирање на отпад и 125 контејнери, со што Локалната самоуправа и јавното претпријатие имаат обврска да го едуцираат населението за правилна селекција на отпад, и за таа цел едукацијата е започната од најмладата популација. Воедно, ја истакна важноста и обврската која општината со засилено темпо треба да работи и ја забрза имплементацијата на сите започнати проекти по дибиената Награда за најдобар град кој применува циркуларна економија, и град лидер од 63 општински апликанти од Западен Балкан.

Директорката на градинките „Наша иднина“, Билјана Петкоска, ја поздравува иницијативата преку игра и збава дечињата од најмала возраст да се запознаат со прнципите за правилна селекција на отпадот, како во градинките, така и во домашни услови, пренесуваќи ги свите навики и во семејството. Иако, градинките и досега практикуваат селекција на отпад, сепак, ова е еден добар начин преку интерактивни игри најмладата популација да се грижи за чистата животна средина.
Граѓанските здруженија Мој Прилеп, Станица 5, Агро Лаг Лидер, а посебно младите од Извидничкиот одред Феникс, укажаа на потребата администрацијата, младата популација и НВО, да бидат во почеста комуникација и координација, со што заеднички можат да делуваат и допринесат за подигање на свеста кај граѓаните, кои за градската животна средина треба да се грижат како да им е дом и двор.

Едукативни активности кај најмладата популација во вторникот се одржаа во градинките: Моја Бајка во Точила и Бончејца, денеска во градинките Гоце Делчев и Вишне, и во четврток во градинките Добре Јованоски, подрачната градинка во ООУ„Рампо Левката“ и градинката сместена до Работничкиот универзитет.
Преку насмеаните лица на дечињата и едукаторите, остварени се очекуваните резултати за поголема свесност за правилното селектирање на отпадот, намалување на несовесното однесување и создавање генерации кои ќе се грижат за чистотата и уреденоста на Прилеп.
Пораката е едноставна: чистотата е заедничка одговорност, а навиките за чиста и здрава животна средина се создаваат уште од најрана возраст.
Затоа, чисто е убаво!