Шведската асоцијација на општини и региони (SALAR), ги поддржува општините во двата региона Пелагонискиот и Југозападниот регион во управувањето со отпадот.
Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, ЗЕЛС и партнерските општини, проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од шведската влада и реализиран од SALAR International работи активно на подобрување на услугите на општините и комуналните претпријатија во секторот отпад во Пелагонискиот и Jугозападниот регион.
Со воведната конференција која се одржа на 5 јуни годинава и каде од 16 општини апликанти, одбрана беше и Општина Прилеп, со што годинава и до 2026 година ќе се имплементира проектот,, Одржливо управување со отпад на локално ниво,, чија цел е поддршка на општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион во процесот на подобрување на управувањето со отпадот на локално ниво, помош за апликација пред ЕУ фондови, вклучување во регионалниот систем за управување со отпад, односно пренесувања на знаења и искуства во депонирање на отпад со здружување во региони.
Во портфолиото на Шведската асоцијација се вели дека имаат практики, искуство и техничка експертиза – како што е мандатот на локалните и регионалните власти во Шведска со акцент на глобалните случувања и решавање на проблемите во делот на управување со отпад. Преку САЛАР и нивните меѓународни мрежи, имаат пристап до практична експертиза за тоа како конкретно да се справат со проблемите на локалните самоуправи. Ја препознаваат сложеноста на процесите на промена и ја комбинираат техничката помош со посветеноста на односите, присуството и близината, кои се клучни за одржливи промени во секторот отпад и подобри комунални услуги до жителите.
Во рамките на проектот се организирани неколку работилници каде учесниците самостојно го изработија Регионалниот план за управување со отпад. Додека Локалниот акциски план го подготви работна група составена од членови на општинската администрација и јавното комунално претпријатие, со поддршка од SALAR International и Шведската агенција за меѓународен развој, а согласно можностите и потребите на општината. Овој документ кој има јасни цели и активности беше едногласно донесен и од Советот на Општина Прилеп. Планот поставува детални чекори за намалување на отпадот, подобрување на селекцијата, собирањето и депонирањето на отпадот, планирани и идни ивестиции, од кои дел се реализираат за да се подобрат условите за селекција на отпад во општинава. Тимот кој работи на волонтерска основа во моментов ја подготвува и Комуникациската стратегија за управување со отпад, која ќе стави посебен акцент на моделот на комуникација и едукација по отворањето на Фабриката за селекција на отпад за која е веќе изготвена тендерската документација во делот на доградба на хала, плато и придружни објекти.

Проектот ќе се имплементира во Македонија во периодот од 2022 до 2026, а на локално ниво, главниот фокус ќе биде на работата со избрани пилот општини, локални комунални претпријатија и жителите од двата региона. Ќе се работи на планирање и испорака на услуги за отпад во согласност со насоките на ЕУ и новиот Закон за управување со отпад. На национално ниво, проектот примарно работи со Министерството за животна средина и просторно планирање, со цел да го подобри разбирањето на законодавците за улогата на општините и поддршката која што им е потребна за да ги постигнат национални цели и целосно да се усогласат со барањата на ЕУ. Проектот се залага за подобрување на координацијата и комуникацијата помеѓу националното и локалното ниво што е од најголемо значење за имплементација на проектот за изградба на регионалната депонија во Новаци.
Од Шведската асоцијација, ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, е посочен како пример дека и во Македонија постојат неколку добри пракси на локално ниво како што е воспоставениот систем за селекција во домаќинствата, по ЈПП, институциите и бизнис секторот како и проектот „Изградба на Стопански комплекс – фабрика за селекција на отпад“. Комуналното претпријатие воспостави примарна селекција на повеќе од 70% од домаќинствата при што примарно селектираниот отпад понатаму се транспортира до платото за засега мануелна доселекција каде се селектира на многу повеќе фракции (PET, PP, HDPE, хартија, картон итн.).
Со локалниот акциски план и зададените активности кои во ниеден случај не треба да бидат само лист хартија, Општина Прилеп ќе работи на намалување на создадениот отпад и подобрување на локалните пракси за селекција, собирање и депонирање на отпадот, како и на зголемувањето на свесноста и вклученоста на граѓаните во управувањето со отпадот. Општината ќе организира информативни кампањи, обуки и активности за подигнување на свесноста кај граѓаните за правилното управување со отпадот и промовирање на одржливи пракси. Во оваа насока, јавното претпријатие работи и на измена на првичниот модел на селекција со воведување на дополнителни капацитети за селекција на чист биоразградлив отпад. Покрај жителите на градот кои селектираат по принципот ,,од врата до врата’’, во процесот на селекција на отпад се вклучени и други 16 населени места. Општина Прилеп ќе прави напори за вклучување во собирањето на отпад и на оддалечената мариовска планинска област, каде гравитираат 19 живи села (некои оддалечени и до 40 километри, а понекои и со мал број на жители). Целите и активностите се јасни, а согласно Законот за управување со отпад и универзалноста на услугата.
Спојувањето на двата региона (пелагониски и југозападен) во еден регион за управување со отпад создава можност, но и обврска за блиска соработка помеѓу општините. Интегрирањето на инклузивните процеси и родовата перспектива ќе придонесе кон зголемена родова еднаквост, подобар пристап на ранливите групи до услугите во секоја од општините и подобрување на квалитетот на живот на населението. Регионалниот систем за управување со отпад е важен дел од политиките и целите за заштита на животната средина и еден од главните критериуми на ЕУ агендата во земјата чија реализација е невозможна без широка поддршка од сите засегнати страни.











