Учениците од ООУ „Кочо Рацин“ засадија 60-сет туи смарагд на булеварот „Гоце Делчев“ – заедничка акција за позелен и почист Прилеп
Денеска, во знак на грижа за животната средина и создавање поздрава и позелена иднина, учениците од ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп реализираа еколошка акција за засадување на околу 60 зимзелени дрвца од видот туја смарагд на булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп.

Акцијата беше реализирана со донација од Катерина Иваноска Вангелова, родител на две деца кои учат во ООУ „Кочо Рацин“, а во нејзината реализација значајна поддршка даде и ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, кое се вклучи со својата стручна и логистичка помош.Оваа иницијатива претставува убав пример за тоа како со заеднички ангажман, добра волја и соработка меѓу родителите, училиштето, учениците и јавните претпријатија може да се придонесе за унапредување на животната средина и разубавување на јавните површини во градот.Посебна вредност на денешната акција е фактот што во засадувањето непосредно учествуваа учениците. Преку сопствено учество, тие имаа можност да научат дека грижата за природата не треба да остане само на зборови, туку треба да се претвори во конкретни дела. Секое засадено дрвце е мал, но значаен придонес кон почиста околина, повеќе зеленило и подобар квалитет на живот за сите граѓани.

Донаторката Катерина Иваноска Вангелова истакнува дека сите ние треба со личен пример да им покажеме на младите генерации како се сака, почитува и чува животната средина. Токму ваквите активности, во кои децата се активни учесници, се можност кај нив уште од најрана возраст да се развиваат еколошката свест, одговорноста и чувството за заедништво.
Со поддршката на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп и Локалната самоуправа, акцијата доби дополнителна вредност, потврдувајќи дека соработката меѓу образовните институции, родителите и комуналните служби е од особено значење за реализација на вакви еколошки проекти.