Да сакаш цвеќе, значи никогаш да не посегнеш по него. Со појавата на многу расадници и цвеќари во и околу градов, цената за корен драстично е намалена и чини од 10 до 30 денари. Доколку сте љубител на цвеќе и сакате Вашиот двор или балкон да е убав и цветен, имате можност да купите и пакетче семе кое чини од 20 до 40 денари, а доколку го посеете во било каков сад ќе добиете закоренет расад помеѓу 50 или 70 парчиња.
Која е потребата да се корне или краде парковско цвеќе? Недоволно развиена свест за убавото, немање време од неорганизиран живот, или лошо стекната навика од детството. Можеби има и други причини, но не оправдуваме ниедна причина за долгогодишно уништување на цвеќето во парковите.
За да си го сакате градот, за да се гордеете со него, за да се посветите на чинење на општи добра, треба да имате исполнета, чиста и чесна душа. За жал, со години некои граѓани тешко можеме да ги разбереме која е потребата да се уништуваат убавите работи.