Се чисти дива депонија позади Центарот за култура „Марко Цепенков“, несовесните ликуваат на себе, комуналците чистат и губат време беспотребно.
По три недели од кога е украдена железната ограда од Центарот за култура „Марко Цепенков“ несовесни граѓани оваа локација ја користат за дива депонија. Контејнерот од 5 м3 е поставен за отпад за потребите на институцијата „Марко Цепенков“, а оградениот простор по кражбата на железната ограда се користи за фрлање на разноразен отпад.
Несовеста оди до таму што на оваа локација преку ноќ се исфрлаат цели кревети, јоги, столици, и што ли уште не. Не се почитува ниту повикот од „Комуналец“, дека за сиот габаритен отпад од физички лица, воведена е посебна линија за подигање секој четврток во неделата. Граѓаните е потребно само да се јават на тел. 048/428-992, и отпадот без оглед на количините ќе им биде подигнат од домовите бесплатно.
Не е оправдување ниту исфрлањето на јавна површина на отпад од домаќинствата во и околу контејнерите во градов, поставени за потребите на станбеното живеење, продажните објекти и институциите, зашто „ Комуналец“, еднаш неделно без исклучок го подига сиот отпад. Нема оправдување човек да се мачи да исфрла отпад на јавна површина, кога за тоа има беспрекорна услуга.
Можеме ли нешто да менуваме во културата на живеење, без да се применат казни. Најверојатно, ние тоа не го можеме. Ние сме навикнати да се мачиме да исфрламе отпад насекаде, да го носиме до, и околу контејнерите, да загадуваме и да валкаме јавни површини, наместо културно да го спакуваме доколку не го собира во кантите за отпад, а комуналците се тие кои собираат и исфрлаат отпад, а не граѓаните.
Па, ајде да станеме Господа! Да ги почекаме комуналците во текот на неделата да ни го соберат отпадот од домовите. Но, најверојатно и да бидеме Господа, не ни е дадено.