Втор ден се чисти проблематичниот Дабнички канал на потегот од мостот на ул„Ердован Шабаноски“ и ул„Дабнички Завој“, во населбата Тризла. И покрај огромните трошоци кои се прават за чистење на овој канал секоја година, годинава се чини дека по исфрлен отпад надминати се сите претходни години. И покрај тоа што календарски е зима, ЈКП„Комуналец“-Прилеп, одлучи предвреме да го чисти каналот, стравувајќи од опасноста при поголеми пролетни врнежи, исфрлениот отпад да се да се најде во Градската река. Човек да не поверува на очите што гледа. 70% од исфрлениот отпад во каналот е ПЕТ амбалажа, во општина каде е воведена селекција на отпад уште во 2008 година, тогаш на два видови отпад, а потоа и на 14 видови отпадни материјали, од кои најголемиот дел припаѓа на Пет амбалажа и отпадна хартија. Дополнително се исфрлени цели кревети, постели, разноразни пластични производи, биоразградлив отпад и што ли уште не.
И покрај напорите на јавното претпријатие да воведе селекција на отпад и во населбата Тризла, тоа низ годиниве никако да успее. И додека во останатите градски населби селек цијата на отпадот по принципот „врата до врата“ е со реализација од 80% со распределени 22.857 канти, и со опфат на плус 16 населени места, во населбата Тризла опфатот за распределба на две канти по домаќинство е под 15%.

Проблемот е што поголемиот дел од населението од населбата Тризла не сака да соработува со јавното претпријатие, и истите не потпишуваат Договор за распределба на канти, од само ним познати причини. На неколку наврати екипите од ЈКП„Комуналец“-Прилеп, од куќа до куќа пробуваат да разговараат со месното население, да го едуцираат, но сите напори се безуспешни. Долгогодишните навики за исфрлање на отпад во Дабничкиот канал, во Дабнички завој, зад касарната Мирче Ацев, под Кули и кон месноста Баба, никако да престане.
Многубројните апели за свесно и совесно однесување до граѓаните не помагаат. Инфромациите дека сиот отпад без оглед на количините го собира јавното претпријатие не помагаат. Дополнително секој четврток е воведена бесплатна линија за собирање на габарите отпад и отпад од зеленило, со најава до јавното претпријатие. За градежен шут на располагање се контејнери од 5м3 со цена од 1390 денари, и трактор од 3м3 со симболична цена од 620 ден.
И покрај сите напори од јавното претпријатие да го собере сиот отпад и тој да не заврши по каналите, доловите и насекаде низ природата, деценискиот проблем не може да се реши. Единствено решение е за оваа немила појава да се изрекуваат казни од страна на надлежните служби, зашто во 21 век, дегутантно е веќе да се говори, едуцира и информира дека отпадот има свое место.























