СВЕТСКИ ДЕН НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Утре 5 јуни на глобално ниво се одбележува Светскиот ден на животната средина.

Светскиот ден на животната средина е креиран од Генералното собрание на Обединетите нации во 1972 година на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина, а се прославува од 1974 година во повеќе од 140 земји во светот.

„Комуналците“ изминативе години организираа настани за чистење на излетничките места и патишта околу градов. Но, со оглед на ситуацијата со Ковид 19, годинава изостанува оваа акција која секако имаше едукативен карактер со испраќање на порака. Затоа, со редовни активности, засадување на цвеќе и чистење на диви депонии комуналците денеска го одбележаа овој значаен ден. Откажани се и сите поголеми настани и активности со масовно присуство и на светско ниво.

Светскиот ден на животната средина е најзначајниот ден за поттикнување на глобалната свест за заштита на животната средина. Светскиот ден на животната средина има за цел да ги охрабри луѓето ширум светот да преземаат чекори за заштита на животната средина и да водат грижа за планетата.

„Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, се пропишува во член 43 од Уставот.

Покрај уставните определби за животната средина, во правниот поредок се нормирани и повеќе прописи кои ги регулираат заштитата и унапредувањето на животната средина во државава. Законот за животната средина, Законот за заштита на природата, Законот за управување со отпадот, Законот за водите, Законот за заштита од бучава во животната средина, Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, се дел од овие прописи.

Со развојот на индустријата, зголемувањето на производството и потрошувачката е зададен голем удар на животната средина по однос на количините на отпад кои на глобално ниво секоја година се зголемуваат. Потребна е нулта толеранција за сите поголеми индустриски капацитети како големи загадувачи, кои мора итно да ги исполнат предвидените еколошки стандарди и да вградат заштитни филтри. Но, неопходна е и изградба на Региоанлните центри за депонирање со отпад.

Покрај ова, еколошката свест во државава и на локално и на централно ниво е многу ниска. Потребно е сите заедно да допридонесеме за чиста животна средина и секогаш да имаме на ум дека секој отпад има свое место.

Можеби ќе ви се допадне