Предизвици во селекцијата на отпадни корисни материјали

Директорот Абрашоски ја информира јавноста за наредните предизвици во селекцијата на отпадни корисни материјали и депонирање во планираната идната Регионална санитарна депонија.

Од 2023 до 2025 година, според најавите од Министерството за животна средина во Општина Новаци ќе се гради Санитарна регионална депонија, која со измените и прегрупирањето на регионите, освен отпадот кој ќе се депонира од Пелагонискиот регион,но отпад ќе се транспортира и од Охрид, Дебар, па се до Центар Жупа. Општина Прилеп за разлика од сите општини во Македонија, е на добар пат да го заврши започнатиот проект секундарна селекција на отпад која опфаќа доизградба на започнатата хала, набавка на дробилка за градежен шут и изградба на компостара, како и моделирање на куќната селекција на отпад.

Селектираниот отпад од година во година е варијабилен. Сепак просекот е дека „Комуналец“ на годишно ниво селектира од 900 до 1000 тони отпадна хартија, 90 тони отпадна Пет амбалажа, 50 сетина тони отпаден најлон, како и разни видови на пластика, боци, лименки, ролетни, пакување од хемиски производи и др. И покрај количините, а со оглед на падот на берзанската цена на отпадната ПЕТ амбалажа, хартија и картон кои го формираат процентот од селектираниот отпад „Комуналец“, тешко ќе може да ги покрие трошоците кои се прават во делот на собирање, транспорт, доселекција, и балирање на ПЕТ амбалажата.

  • „И покрај ваквата неповолна ситуација на светската берза, остануваат заложбите на вредните комуналци да воведат ред во сортирањето на отпадните корисни материјали, да ја испочитуваат законскта регулатива. „Комуналец“, нема расположливи големи финасиски средства за вложување во инвестиции, односно во моментов сите сили се насочени во подготовка на проекти и аплицирање пред ЕУ фондовите“, изјави за медиумите директорот Рубинчо Абрашоски, при тоа додаде:
  • „Веќе подготвуваме и апликации за проекти од Програмата за меѓугранична соработка со соседните држави, каде приоритет нареднава година ни е да обезбедиме грантови за доизградба на фабриката за селекција на отпад, ставање во употреба и доопремување на линијата за секундарна селекција за отпад, а мораме да планираме и да создадеме услови за изградба на компостара која ќе ни биде неопходна. Ова го најавувам од причини што јавните претпријатија од Пелагонискиот и Југозападниот регион, од 2025 година ќе вршат само собирање и транспортирање на отпад, зашто во најава е да започене со изградба Регионалната санитарна депонија. Според сите анализи и пресметки од странски партнери кои ги вршат обуките за идното неопходно управување со отпад, оние општини кои ќе успеат на ниво на општина да селектираат различни видови на отпад ќе плаќаат помалку за депонирање во идната Регионална депонија. Општина Прилеп е на добар пат, за разлика од сите други општини на ниво на држава да продолжи со реализација на овој проект, со цел анализа на системите за управување со отпад во развиените европски земји и презентираните можности за примена на таквите системи кај нас. Во секоја фаза на постојниот систем е потребно да се планира отстранување на слабите точки, надградба на секоја фаза посебно со воведување посовремени мерки, кои секако сакаме да ги примениме во Центараот за управување со отпад кој е во фаза на градба, а кој предвидува; линија за селекција на отпад, дробилка за градежен шут, а во иднина и изградба на мини компостара за потребите на Општина Прилеп. Што сакаме со ова да постигнеме? ! Сакаме да покажеме и докажеме дека секој корисен и одвоен отпаден материјал треба да се селектира на местото на неговото настанување, зашто секој транспорт на вкупниот отпад би ги оптеретил финасиски граѓаните и бизнис секторот дополнително. Односно, во идната Регионална депонија сакаме да успееме да транспортираме и депонираме се она што неможе да се рециклира, односно да се носат минимални количини за депонирање“.

Европските искуства говорат дека стекнувањето на навиките кај граѓаните да селектираат отпад, е најтешкиот дел од алката во процесот на селекција на отпад. Сепак, граѓаните на Општина Прилеп, во голем процент покажуваат високоразвина свест во придонесот да се одвои секој корисен материјал и да не заврши на депонија. Сите предложени фази за надградба на системот за управување со отпад во Општина Прилеп се базираат на принципот на минимални вложувања-максимален ефект. Абрашоски ги потенцираше и приоритетите:

  • „Приоритет за нареднава година ни е поставувањето на подземните контејнери кои ќе го подобрат визуелниот изглед и ќе придонесат за заштита на животната средина како и ќе ја подигнат културата на однесување во одлагањето на отпад на едно повисоко ниво. Во насока на подобрување на системот, се предлага посебен акцент да се стави на фазата на селектирање на отпадот на изворот на негово генерирање, со едукација на наслението, односно оние кои сеуште не се вклучени во процесот на селекција да започнат да ја практицираат, зашто сакале ние или не, за многу брзо време ќе дојде и времето кога општината ќе мора да воведи задолжителна селекција на отпад, согласно законската регулатива. За да не дојде до тоа, ние нареднава година ќе се трудиме преку разни информативни и едукативни форми да работиме на подигање на свеста за придобивките од селекцијата на отпадот како кај граѓаните, така и кај бизнис секторот“.

Инаку, да споменеме дека прилепскиот модел веќе го препорачува и Министерството за животна средина и просторно планирање и им советува на општините да го следат примерот од Општина Прилеп, со што би се подготвиле за идниот предизвик, односно депонирање само на некорисни отпадни материјали во идната Регионална депонија.

Можеби ќе ви се допадне