Граѓанскиот сектор активно ќе се вклучи во решавање на проблемите во управувањето со отпадот.

Отворен дијалог со граѓанските организации за регионалниот систем за управување со отпад се одржа во Битола.

Со отворен и динамичен разговор, размена на ставови и јасна порака дека одржливите решенија се возможни единствено преку соработка, во Офицерскиот дом во Битола се одржа информативна и консултативна средба со граѓански рганизации од Пелагонискиот и Југозападниот регион, посветена на теми врзани со воспоставувањето на Регионалниот систем за
управување со отпад (РСУО).

Средбата e организирана во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од Salar International, а во фокус беше токму фазата во која процесот влегува – оперативност и исполнување на обврските на регионалниот систем за управување со отпад – која бара дијалог, доверба и активно вклучување на сите засегнати страни и нивна инфирмираност.

На присутните им беше претставен концептот на РСУО и планираните активности, кои вклучуваат затворање на постојните општински и диви депонии, изградба на претоварни станици и собирни центри но и воведување примарна селекција на отпад со цел значително намалување на количината на отпад што ќе завршува на новата регионална депонија. Беше нагласено дека станува збор за комплексен систем кој може да функционира само доколку постои поддршка и координација меѓу институциите, граѓаните и граѓанскиот сектор.

Градоначалникот на Општина Новаци и претседавач на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО), Стевче Стевановски, истакна дека управувањето со отпад е чувствително прашање и за институциите и за граѓаните, но и дека Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад(МОУО)претставува важен чекор кон поорганизиран и одговорен пристап. Тој упати отворен повик до граѓанските организации активно да се вклучат и да придонесат во процесот, нагласувајќи дека без дијалог и соработка, успехот не е можен.

Граѓанските организации покажаа голем интерес и активно учествуваа во разговорот, при што беа отворени прашања и разменети различни гледишта за селекцијата на отпад, инфраструктурните решенија и улогата на локалните заедници. Дел од присутните оценија дека ваквиот пристап овозможува појасна слика за процесот и создава основа за градење доверба и заедничка работа.

На средбата беше претставен и предлог-планот за вклучување на граѓанските организации во клучните процеси поврзани со РСУО и тоа во изработката на регионалниот и локалните акциски планови за управување со отпад, како и во комуникациските активности поврзани со системот. Посебно внимание беше посветено на општините Битола и Новаци, каде што е препознаена потреба од подлабок и подиректен дијалог со граѓаните. Средбата ја потврди заедничката заложба дијалогот со граѓанските организации да продолжи и понатаму, со јасна намера ваквиот отворен пристап да се проширува и зајакнува преку вклучување на поширок круг чинители од граѓанското општество.

Можеби ќе ви се допадне