Во текот на викендов, ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, ќе се вклучи во акцијата организирана од Локалната самоуправа по повод Меѓународниот ден за заштита на озонската обвивка. „Комуналец“ ќе го одбележи денот со тоа што ќе чисти диви депонии на патот за езеро над касарните. Градов дава придонес кон зачувување на озонската обвивка со тоа што се рециклира отпадот. Околу 6 илјади тони отпад годишно селектира „Комуналец“, дел се продава за натамошен третман, а дел се складира и се бара овластен постапувач со одедени видови на отпад, како текстил и тврда пластика. Овие отпадни материјали се лесно запаливи и доброто е што не се транспортираат и депонираат во депонијата Алинци, а со тоа се заштитува истата од палење. За депонијата се води секојдневна грижа со правилно затрупување и посипување со земја.
Инаку, во 1994 година, Генералното собрание на ОН го прогласи 16-ти септември за Меѓународен ден за заштита на озонската обвивка, по повод денот на потпишувањето на Монтреалскиот протокол во 1987 година, за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка (резолуција 49/114). Државите се повикани да се посветат на денот за промовирање на активности во согласност со целите на Протоколот и неговите амандмани. Озонската обвивка, кревок штит од гас, ја штити Земјата од штетниот дел на зраците од Сонцето, со што помага за зачувување на животот на планетата.
Контролираната употреба на супстанци кои ја осиромашуваат озонската обвивка и нивното намалување помагаат за заштита на озонската обвивка за оваа и за идните генерации, но, исто така, значително придонесе кон глобалните напори за справување со климатските промени. Освен тоа, ги има заштитено здравјето на луѓето и екосистемите со тоа што го спречува штетното ултравиолетово зрачење да стигне до земјата.
Оваа година се одбележува 30-годишнината од Монтреалскиот протокол.