Посебни честитки и благодарност за успешно завршената работа на годинешниот Пивофест, добија вработените од „Комуналец“. Покрај приемот во големата сала на Општина Прилеп, градоначалникот Илија Јованоски се сретна и со дел од 60 мината вработени, кои ги затекна на терен, а кои го опслужуваа фестивалот во делот на јавната чостота и управувањето со отпадот. Тој изрази голема благодарност што комуналците пред започнувањето на фестивалот, извршија комплетна генералка низ целиот град. Потоа што за време на фестивалот додека сите славеја, комуналците ја одржуваа беспрекорно чистотата, и по завршувањето на Пивофест, што во рок од 24 часа, градот беше доведен во првобитната состојба, како и ништо да не се случувало изминатите 5 дена.
„Сакам да ја искажам мојата благодарност до Вас и да Ви честитам што во ниту еден момент, јас како градоначалник на општина Прилеп, немав ниту една, ќе повторам, ниту една забелешка на вашата работа, ниту од организаторот, ниту од граѓаните и посетителите, а најмалку пак од оптшинската јавна администрација. Вие сте рбетот на градов, и да се гордеете што од сите сте пофалени, а некои од посетителите се воодушевуваа како е можно Јавно претпријатие да опслужува една ваква голема манифестација, каде секоја година има проток од 200 илјади посетители. Ви благодарам на соработката, и го замолувам менаџментот на “Комуналец“ парично да ја награди вашата работа согласно закон“ потенцираше пред вработените градоначалникот Јованоски.
Вработените и директорот на „Комуналец“ Звонко Јованоски, исто така ја изразија својата благодарност до градоначалникот Илија Јованоски, што ја имаат несебичната подршка во делот на оперативата и финасиите, посебно ја истакнаа благодарноста за доделување на нов простор за комуналците, и дека во секое време се подготвени да ја извршуваат нивната работа и да го опслужуваат комплетниот град, со цел граѓаните да имаат беспрекона услуга во делот на јавната чистота и правилното управување со отпадот.