Денес, 21 март 2022 година го живееме периодот кога ги гледаме последиците на човековиот неразумен и нерационален однос кон природата. Време на интензивни климатски промени, желба за воспоставување на одржлив развој, битка за зелени површини, чист воздух и чиста вода за пиење. Време кога со светот за само неколку недели завладеа пандемијата предизвикна од корона вирусот КОВИД-19.
На денот на пролетта и екологијата, градоначалникот Борче Јовчески, заедно со претседателот на Совет Дејан Проданоски, директорот на ЈКП,,Комуналец’’, Рубин Абрашоски, еко активисти, и вљубеници во природата испратија ЕКО порака со засадување на дрвја и украсни зимзелени растенија. Во ОУ„Кочо Рацин“ и ОУ„Кире Гаврилоски“ се засадија украсни зимзелени растенија од видот туја, во парковите во типската населба и Точила се засадуваа дрвја од видот јасен и украсни зимзелени растенија, додека во околината на манастирот Трескавец, високо до надвиснатите карпи се засадуваа 50 садници бадем.
Беа обновени и садниците од видот туја кај споменикот „Карпалак“, со цел да се даде почит и значење на младоста на прерано загинатите прилепски бранители.
„Со голема еколошка акција во организација на ЈКП „Комуналец“ заедно со Општина Прилеп, денес го одбележуваме Денот на пролетта и екологијата. Во изминатиов период бевме силно посветени на чистење на огромен број на депонии и на запуштени градски локации. Продолжуваме да делуваме и понатаму континуирано во секојдневна координација со ЈКП „Комуналец“, се со цел да создадеме ред во чистотат, и Прилеп со гордост да го носи епитетот-најчист град. Сите основни училишта денес се посветени на чистење на нивните училници и дворови. Одлучивме да ставиме акцент на засадување дрвја на повеќе локации со што ја подигнуваме свеста кај граѓаните за зачувување на животната средина. Го посетивме основното училиште „Кочо Рацин“ каде што засадивме украсна туја, потоа засадивме дрвја во паркот во населбата Точила, а во околината на манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, засадивме 50 бадемови дрвја, со што сакаме да придонесиме во разубавувањето на околината на овој прекрасен храм. Упатувам апел до сите наши сограѓани да бидиме совесни и да ја чуваме нашата животна средина затоа што немаме резервна планета. Воедно, сакам да ја искористам оваа прилика и да посочам дека даваме поддршка на денешниот Ден на лицата со даунов синдром преку пораката „Сите во исти свет живееме“, изјави градоначалникот Борче Јовчески.
Прилепски Комуналец во континуитет ги извршува сите работни операции и во сите годишни времиња. За нив, Денот на пролетта е само симболика за одбележување, но, Прилеп, е вистинското место од каде треба да се испрати еколошка порака на Денот на пролетта, а единствено нешто што бараат комуналците од граѓаните е да покажат респект спрема сработеното и да се грижат и дадат свој придонес за здрава и чиста животна средина за овој град и за наредните поколенија.
Граѓаните од „Комуналец“, пак, можат да добијат ветување дека пролеттва градот ќе светне, односно ќе се постигне врвна чистота низ градот, ќе се исчистат сите диви депонии, ќе се обрне внимание на неурбанизираниот тек од речното корито, а секако приоритет ќе биде зеленилото, цвеќето и континуирано нивно одржување и нега.