„Според годишниот план на активности во 2019 година, што Прифатилиштето при Ј.К.П. „Комуналец“ го достави до Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на проблемот со бездомни кучиња, планирана ни беше и оваа Трибина за едукација и информирање на граѓаните и сите релевантни фактори во општинава. Граѓаните потребно е да ги следат нашите планирани активности за информирање за одговорно сопствеништво на домашни миленици, поттикнување на вдомување на бездомни кучиња и правилно постапување со животните“, истакна во својот поздравен говор, Ирена Станковска, в.д. директор на ЈКП„Комуналец“ – Прилеп. Станковска, говореше за напорите кои ги прави јавното претпријатие со заловувањето на кучињата и нивната грижа за истите, но потенцираше дека тие како ЈП, воопшто ја немаат помошта од граѓаните, кои неконртролирано ги испуштаат кучињата по улиците, не мислеќи дека тие понекогаш се и потенцијална опасност. „Нема куче скитник, има неодговорни сосптвеници“, беше заклучокот од Станковска.
Тања Барлакоска, доктор по ветеринарна медицина, вработена во Прифатилиштето за кучиња, се осврна на медицинскиот третман и грижата која ја добиваат бездомните кучиња во Прифатилиштето. Таа ги запозна присутните со работата и прифатилиштето. При тоа рече:„Мораме да ги научиме граѓаните на одговорно сопствеништво, микрочипирање кое беше бесплатно го искористија мал број на граѓани со оглед на бројката која ја има во градов. За да ја намалиме бројката на кучиња скитници неизбежно е да се извршува кастрација и стерилизација. Дали е домашен миленик, или е бездомно куче, мораме да се навикнеме дека и тие ја заслужуваат основна здравствена заштит. И најважно од се, да научат граѓаните, посебно помладата популација, како се постапува со куче скитник, за што ги посетивме сите ОУ и СОУ и извршивме едукација, како и вдомувањето на куче скитник кое го практикуваме ние во Прифатилиштето, и со крајни напори најдуваме сопственици кои сакаат да вдомат бездомно куче“.
На трибината свое видување за проблемите со кучињата скитници, нивно вдомување, пружање на здравствена заштита и за работата на Прифатилиштето, говореа и Мариноски Никола – Директор на Ветеринарна клиника Прилеп. Галоски Игор – Доктор по ветеринарна медицина во СОУ „Орде Чопела“ Прилеп, Јане Ралоски – Доктор по ветеринарна медицина во Ветеринарна клиника Прилеп и Марија Секулоска – претставник од Ветеринарна клиника Прилеп.
На Трибината активно учество со своја дискусија имаа и граѓаните, како и учениците од СОУ „Орде Чопела“ од профилот ветеринарен техничар.