Почитувани сограѓани!
На крајот од 2023 година, сакаме да Ви се заблагодариме за коректниот однос кој го имате во делот на правилното третирање и управување со отпадот, и да Ви се заблагодариме за тоа што ја почитувате животната средина, а со тоа се почитувате и себеси. Веруваме дека во нареднава година сите наши сограѓани, бизнис секторот и институциите кои досега не се вклучиле во процесот на селекција на отпад ќе се вклучат, за да можеме да го одржиме континуитетот и да го продолжиме овој значаен проект за заедницата, но и во пошироки рамки.
Она што го ветија градоначалникот Борче Јовчески и директорот Рубинчо Абрашоски дека годинава неуморно ќе работиме на изнаоѓање на финасиски средства за продолжување со изградба на Стопанскиот комлекс „ Погон за преработка на мешан комунален отпад“, го успеавме. Им благодариме на прилепските пратеници и политичките партии кои го подржаа овој проект, а кој е од суштинско значење за идниот развој на општинава. Останува во 2024 и 2025 година да го изградиме овој комплекс, но и да се трудиме да го надоплнуваме со нови содржини ( изградба на компостара од помал обем, набавка на дробилка за градежен шут и др). Со изградбата на софистицираниот комплекс ќе се отворат и нови работни места, каде свое место ќе најдат и високообразовните струки.
Да напоменеме дека оваа година беше најтешката за ЈКП„Комуналец“ – Прилеп, во продажбата на селектираните отпадни материјали, кога цената на светската берза го достигна минимумот, и кога скоро 5 месеци се затворија сите пазари за откуп на отпадни материјали. Но, оваа дејност е со висок ризик во финасиката исплатливост. Затоа се навикнавме да ги следиме препораките од ЕУ и да бидеме истрајни во остварувањето на европските цели за „0“ отпад.
Што друго сработивме и дали можевме повеќе во управувањето со отпад?!
- Набавивме корпи за отпадоци и вклучивме во процесот на селекција на отпад уште 400 семејства
- Во 2023 година започнавме да ги заменуваме контејнерите од 1 м3 со полуподземни контејнери. Изградивме и поставивме 2 полуподземни контејнери на ул„Борка Талески“ – центар, со вкупна инвестиција од 511.316 ден.
- Извршена е набавка на 5 полуподземни контејнери, три за мешан комунален отпад и два за селектиран отпад, за кој е изготвен проект, согласно бараната законска регулатива и по празниците ќе бидат поставени на пункт Стара чаршија – џамија, со што решаваме еден голем проблем со отпадот во централното градско подрачје . Вкупната инвестиција е 1.254.780 ден.
- За успешноста во селектирањето на отпадот како комунално претпријатие, а согласно трипартитниот Договор: Општина – Пакомак- Комуналец, добивме уште два полуподземни контејнери за селекција на отпад, за кои се изготвува проектна документација и ќе се постават на пункт кај катната гаража.
- Со Локалната самоуправа активно учествуваме и се подготвува документација со Министерството за животна средина и просторно планирање за изградба на Претоварна станица за отпад за општините Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево. Претоварната станица ќе се гради во месноста Алинци од проектот „Изградба на регионална депонија во Новаци“, и која ќе продуцира отворање на нови работни места во општинава.
- Со поддрша на Шведската асоцијација САЛАР, заедно со општинскиот тим за прв пат изработивме Локален акциски план за отпад, кој на наше задоволство е прифатен од сите политички партии.
- Исчистивме неколку диви депонии кои за жал повторно се одлагаат купишта отпад од несовесни граѓани.
Што сработивме во одржувањето на ЈПП и паркови ?!
- Со проект од Локалната самоупрва добивме специјално возило за Прифатилиштето за бездомни кучиња, со вкупна инвестиција од 2.359.009 ден.
- Со заеднички проект со Локалната самоуправа набавивме ново специјално возило цистерна со инвестиција од над 6.000.000 денари, која е неопходна во одржувањето на ЈПП.
- За прв пат извршивме темелно чистење со отворање на речното корито на потегот од мостот во населбата Димо Наредникот до железничкиот надвозник и од мостот на ул„Цане Илиоски“ до крајот на Егејските згради.
- Целосно го уредивме Музичкиот парк, парк во населба Димо Наредникот, обновивме уште 9 други маалски паркови.
- Ги рехабилитиравме и обновивме трите езерца во населбите Димо Наредникот и Точила, и во паркот на Могилата.
- Извршивме санација, обновување и поправка на реквизитете во комплексот „Вештачко езеро“.
- Поставивме нови 245 корпи за отпадоци
- Засадувавме дрвја и овновувавме тревнати површини и други работи.
Она што не сме успеале од било кои причини да го сработиме по барање на граѓани, Ве уверуваме дека ќе го исполниме и Ве испочитуваме.
Нашата работа е секогаш подложна на критика, но за наша радост и на пофалба.
Го слушаме секој ваш глас допрен до нас. Успеваме да ги решаваме понекогаш дури и нерешливите работи. Но, ние сме претпријатие кое е формирано да извршува дејност од јавен интерес и секогаш сме насочени да ги задоволиме потребите на граѓаните.
Ви благодариме што заедно со Вас создаваме заедница која е препозната пошироко на Балканот во делот на управувањето со отпадот!
Очекуваме во Новата 2024 година да си ја почитуваме животната средина и да внимаваме каде исфрламе отпадоци низ градот, да не создаваме нови диви депонии и да внимаваме на јавната хигиена. Зашто секој денар даден за чистење непотребно е фрлен, а може да користи за прекупотребните инвестиции.
Во Новата година, Ви посакуваме многу здравје, бериќет, заедништво и слога!
СРЕЌНА НОВА 2024 ГОДИНА !
Од вработените во ЈКП„Комуналец“ – Прилеп