Иако за многумина оваа објава ќе биде фалба, или со коментар – „Тоа им е работа“, сепак овие текстови се објавуваат со цел едукативно да влијаат на сите нас, но и да дадат реална слика на моменталната состојба со неконтролираното исфрлање на отпад.
Дабничкиот канал кој врви низ населбата Тризла, иако комплетно беше исчистен во април годинава, во него и до него, нема што нема од отпад. Истиот повторно се чисти со градежни машини, а отпадот се транспортира до депонијата во Алинци. Цели кревети, постели, градежен шут, градинарски отпад, животински отпад и што ли уште не се чисти од каналот и по каналот. Жителите од околните куќи негодуваат на ваквата појава, иако видливо од состојбата на терен, истите тие придонесуваат каналот да претставува извор на зараза.
Според оперативниот план за работа „Комуналец“ ја изврши својата задача со чистење на Дабничкиот канал пред зимата.
Пред извесно време комплетно се исчисти и каналот на потегот од мостот кај касарната до вливот со Оревоечка река.

Напролет, повторно ќе ве информираме за состојбата со проблематичниот канал и со проблематичните граѓани, кои никако да научат дека секој отпад си има свое место, и дека е ред во 21 век да научиме дека отпадот не се исфрла до куќата каде живееме. Иако за ваквата состојба не се виновни само жителите кои живеат по самиот канал, туку целата заедница, вклучително и институциите надлежни да се спречи оваа појава.