Во тек е еко акцијата за чистење на дваесетина диви депонии на потегот од магацините на Кожувчанка до Склештен мост во викенд населбата Маркова чешма, па се до магистралниот пат за Плетвар. Купишта најразновиден отпад се собира и транспортира во депонијата Алинци. Несовесни граѓани исфрлиле градежен шут, фотељи, јоги, јоргани, пластична покуќнина, најлони, отпадни материјали од градење и што ли уште не.
Со оглед на големиот број диви депонии чистењето ќе се одвива и во текот на утрешниот ден.
Фотографиите говорат дека на неколку диви депонии исфрлена е целокупната покуќнина во долови, за која ќе биде потребно и дополнителна механизација и рачно чистење со оглед на непристапноста на теренот.

Се замолуваат граѓаните за било кој отпад да се јавуваат во „Комуналец“, каде услугата за одлагање на непотребен габаритен отпад се извршува бесплатно на повик од граѓанин секој четврток, додека за градежниот шут на располагање се трактор за кој се наплаќа 620 ден. и контејнер од 5м3 за кој се наплаќа 1360 денари.
Останува препораката до граѓаните дека и поголеми количества на отпад се собираат со неделната редовна линија по домаќинствата, доколку отпадот е прописно спакуван во најлонски вреќи или кутии.