ЈКП „Комуналец“ е најголемото јавно претпријатие во Прилеп, кое со години се соочува со оперативни и финансиски проблеми. На самиот крај на минатата година кога на чело на „Комуналец“ беше назначен Звонко Јованоски, претпријатието имало блокирана сметка и долг кон државата, добавувачите и вработените, во висина од над 90 милиони денари. Платата на 372 вработени доцнела по 2-3 месеци, возниот парк бил стар и речиси руиниран, со просечна старост на возилата од 24 години.
„Во изминатите 10 месеци долгот го намаливме за 30 милиони денари, обврските кон добавувачите ги намаливме од 24 на 12 милиони денари, после 10 години исплативме 10 милиони денари за додатоци за плата за вработените за 2017 година, со што ги запревме сите можни идни тужби, со кои од касата на ЈКП ‘Комуналец’ се одлеваа огромни средства за судски и адвокатски трошоци, како и трошоци за извршување, кои во изминатите години надминале над 500.000 евра. Трошоците од тековното работење редовно ги подмируваме, во моментов претпријатието е финансиски стабилно. Набавивме две ‘метларки’, машини за чистење на улиците и тротоарите, нов трактор за собирање на смет, ископан е нов бунар за технолошка вода, косачки, компјутерска опрема, сето тоа во вредност од 4.5 милиони денари“, изјави на денешната прес конференција директорот Јованоски.
Со учеството во проект со други институции и општини од Македонија и Грција, ЈКП „Комуналец“ од ИПА програмата за прекугранична соработка ќе добие средства за набавка на машина за компостирање на органски отпад. Јованоски напомена дека за 3 месеци е изграден стационар за кучиња по сите европски стандарди, отворен е нов наплатен центар, проектот за примарна селекција на отпад е проширен во 12 населени места, а во функција на заштита на животната средина исчистени се повеќе диви депонии.
„Со селектираниот отпад во пакување, во овие 10 месеци селектиравме над 800 тони ваков отпад, со што Прилеп е лидер во Македонија во селектирањето отпад од пакување, односно Прилеп собира повеќе ваков отпад отколку сите останати градови заедно“, потенцираше директорот на ЈКП „Комуналец“, Звонко Јованоски.
За прв пат ова јавно претпријатие изработи инвестициона програма, со која се предвидува набавка на 3 камиони за собирање на комунален отпад, еден подигнувач за контејнери од 5 метри кубни, еден камион цистерна за миење и перење на улиците и една хоризонтална автоматска преса во примарната селекција на отпад, во вкупна вредност од 43 милиони денари.