Апел од в.д директорот Ирена Станковска за еколошка свест кај граѓаните

Фебруари е месец за чистење на дивите депонии низ градов настанати во текот на зимата. Прва населба која беше исчистена е населбата „Бончејца“. Во моментов претпријатието работи на темелно чистење во населбите „Тризла“, и „Точила“, а денес акцијата продолжи околу основното училиште „Гоце Делчев“ и Детската Градинка „Наша Иднина“.

Ситуацијата тука околу ОУ„Гоце Делчев“ е разочарувачка, посебно по дислокацијата на скелињата за сушење на тутун. Иста е сликата на повеќе локации низ градов, каде регистриравме над 100 тина вакви диви депонии низ населбите. Јас пред се би ги замолила граѓаните, доколку си го сакаме Прилеп, да се однесуваме поодговорно. Прилеп треба да им го оставиме уреден и чист и на идните генерации. Не сакам никого да обвинувам, но сакам само да замолам да се однесуваме домаќински. Апелирам и ги замолувам граѓаните кои имаат отпад во поголеми количини, а кој отпад неможе да се подигне со редивната линија „Комуналец“ испраќа дополнително транспортно возило за било кој отпад, освен градежен шут. Да не го исфрламе отпадот насекаде, и да не се мачат граѓаните да го носат и оставаат насекаде низ градов и околу него, оваа екстра услуга ја врши„Комуналец“ бесплатно, истакна в.д. директорот Ирена Станковска.

Воедно, Станковска нагласи дека ќе се чисти целиот град континуирано, но нема да се оди кампањски, онаму каде што ќе се пријави дека има дива депонија, туку ќе се чисти населба по населба, според предвидениот план.

Ова е секако дополнителна работа за Јавното претпријатие, при што ни одзема време, пари, користење на градежни машини и работна рака, во момент, кога треба да посветиме најголемо внимание на улиците низ градов. Но, додека свеста за чиста животна средина не достигне едно повисоко ниво, ќе се трошат беспотребно пари за чистење диви депонии, кои се пари од граѓаните, а кои можат да се употребат за модернизирање на претпријатието, или пак, за изградба на зелени површини. За да се намали бројот на дивите депонии ни треба поголема помош и ангажираност од страна на комуналниот инспекторат и полицијата – потенцираше Станковска.

На новинарско прашање колку има изречено казни кон физички и правни лица, и дали лекот е во казнувањето, Станковска, на ова прашање ги упати новинарите да се обратат до Инспекторатот при Локалната самоуправа.

Колку Комуналец да се ангажира и работи, или да се изрекуваат казни, сепак останува оваа немила долгогодишна појава да се намали со развиена свест и совест кон општите добра и зачувување на животната средина од сите граѓани. Прилеп го сакаме онолку, колку што сакаме истиот да ни биде чист, убав и уреден.

Можеби ќе ви се допадне