Привршуваат градежните и хортикултурните работи во паркот Точила 2

 

 

Паркот Точила 2 кој се простира на површина од околу 14.000 м2 целосно ќе биде завршен за околу еден месец.

Останува да бидат доуредени уште околу 3.000 м2, простор кој се наоѓа помеѓу зградите кои се лоцирани во близина на ООУ „Блаже Конески“. Паркот освен тревната зелена површина, содржи и друга урбана опрема, пешачки патеки поплочени со бехатон плочки, а има и простор определен за паркирање на возилата.

„Паркот се простира на површина од 14.000 м2, тој се одржува во две смени. За полевање на зеленилото има избушено и бунар со технолошка вода. Паркот ќе биде доработен некаде до крајот на септември. Ова е продолжение на паркот кој се изгради во населбата Точила 1 и кој се простира на површина од 23.000 м2“, рече Рубин Абрашески, технички директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Наскоро се очекува да започне и изградбата на паркот во населбата Точила 3, кој ќе се простира помеѓу зградите кои се наоѓаат над црквата Света Петка.

„Со сите овие инвестиции кои се направени во населбата Точила таа станува една од најурбанизираните населби во градот. Се изгради преубав парк во Точила 1, се уредува паркот Точила 2 и од наредниот месец ќе се започне со изградба на паркот во Точила 3, во делот згради К, односно оние кои се наоѓаат над црквата Света Петка. Тоа исто така ќе биде едно преубаво место за релаксација и одмор. Ќе биде уредено со детски игралишта, зелени површини, водни површини, пешачки патеки, урбана опрема како и паркинг простор. , изјави Марјан Ристески, градоначалник на Општина Прилеп.