„Македонија без отпад“ спроведена во нашата општина

 

 

Од ЈКП „Комуналец“ велат дека најмногу отстранувале градежен шут кој е транспортиран до депонијата „Алинци“.

Работната акција „Македонија без отпад“, што веќе трета година се организира на ниво на Македонија и е во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, оваа сабота беше спроведена и во Општина Прилеп, а граѓаните можеа да им се придружат на вработените во ЈКП „Комуналец“ кои ги расчистуваа дивите депонии во околината на градот.

„Заполшки мост“ беше избраната локација која денеска се расчистуваше, а предходните денови ЈКП „Комуналец“ самоиницијативно го исчисти надвозникот на патот Прилеп-Битола, заобиколницата од „Жито Прилеп“ до „Варош“, „Ленишки мост“ и патот за Ореовец.

Акцијата „Македонија без отпад“ има за цел да ја поттикне свеста кај јавноста за чистење на расфрланиот комунален отпад, едукација за правилното отстранување, како и за штетите предизвикани од непланското фрлање отпад. Акцијата во Македонија вклучува комбинација на акции за чистење на околината, образовни програми за развој на свеста за позитивните практики на управување со разни видови отпад и промоција на одговорни навики поврзани со отпадот.