По Пиво фест, останува генералката на комуналците

 

 

Купишта пластични шишиња и чаши, отпадоци на секој чекор, лименака и картон, остатоци од храна и отпушоци, утринава, чистеа комуналците во централното градско подрачје и сите поголеми сообраќајници.

По беспрекорната забава која ја имаа прилепчани и сите посетители, останува работа на комуналците. Со добра екипираност, со пожртвувана работа, со желба во себе да се доведе се во ред и на свое место, комуналците денеска ќе работат и со дополнителни саати за да овозможат чист и уреден град.

Од рани зори, единицата за селекција на отпад, најнапред, собра се она што може да се рециклира. Додека, пак, единиците метачи и паркови и зленило пристапија кон темелно метење на плоштадите, улиците, тротоарите и зелените површини. Не помала е работата и на подигачите на смет, кои, се она што ќе се собере треба да го транспортираат и депонираат до депонијата Алинци.

На терен беа и двете цистерни, кои во текот на денешниот ден ќе работат на миење на комплетното централно градско јадро. Од утре, пак, ќе се пристапи кон обновување на зелените површини и помалите оштетувања на плоштадите и урбаната опрема.

Од Комуналец, изјавуваат дека за разлика од минатите години кога се правеле и поголеми оштетувања, годинава не се забелажани вакви појави, и додаваат, дека, граѓаните, посетителите и имателите на штандови внимаваат на општото добро и инфрастриктурата во градов.

Горди на својата работа, горди на постигнувањата и пофалбите кои ги имаа од посетителите, комуналците остануваат на заложбата градов да го држи приматот за најчист град и да биде пример во државава.