Се чистат дивите депонии на излезот од Прилеп

 

 

Секоја година во оперативен план на ЈКП Комуналец е чистењето околу градот, на излезите од општинава, како и во речните корита.

 

Најголем отпад се фрла кај ромската населба на двата излеза околу касарните и патот спрема Дабница. Овој дел од градот редовно се чисти, и како и секоја година така и оваа, комуналците со користење на потребната механизација веќе две недели активно работат на отстранување на ѓубрето исфрлено од страна на несовесни граѓани.

 

Токму поради тоа, ЈКП Комуналец апелира до сите граѓани да не се фрла комуналниот отпад на излезите од градот како и на места кои ја загрозуваат животната средина.

 

Комуналец еднаш неделно врши редовно чистење на сите релации во Прилеп и од таа причина, од таму велат дека не е потребно собраниот смет од домовите да се транспортира на места кои не се предвидени за тоа. Комуналците редовно се на терен, но за да се одржи јавната чистота во градот, покрај организираното и континуираното расчистување на дивите депонии, потребна е и соработка од страна на сите граѓани.

 

За да се спречи загадувањето на околината, од Комуналец испраќаат апел до сите граѓани кои ќе бидат сведоци на вакво неконтролирано фрлање на отпадоци на несоодветни места, веднаш да пријават во инспекциската служба во склоп на Општината.