Се гради и во Точила и Димо Наредникот

 

Комуналците деновиве ги започнаа градежните работи во населбата Точила каде целосно ќе се обновуваат старите парковски површини, а ќе се подигнуваат и нови.

Mоментално се работи во  Точила 2, каде се изведуваат бетонски парапети со цел да се заштитат зелените површини. Предвидено е наредниов период да започнат и градежните работи на големиот воден парк кој ќе се гради во Точила 1 и ќе опфаќа повеќе забавно рекретивни содржини.

Дел од градежната единица работи на паркот во населбата Димо Наредникот каде се изведени бехатон патеките и се пристапува кон засејување на трева и хортикултурно уредување. Останува да се постави бехатон на предвидените паркинг простори за станарите од населбата и граѓаните. Со изведбата на овој парк, комплетно ќе се уреди оваа населба со фонтани, спортски игралишта, паркинг простор, и поставување на урбана опрема.

Воедно, комуналците  работат и на естетското окружување на дрвјата од дрворедите со што се добива една нова слика за булаварот и главните улици низ градов.

Од Kомуналец, велат дека оваа година и наредната ќе се посветат  на изградба и рехабилитација на стари парковски површини , со цел, сите делови од градов да добијат ист третман на уредени и чисти градски населби. Воедно се води сметка и за спроведување на инсталациони мрежи за технолошка вода со цел да се олесни полевањето на парковските површини и да се одржи темпото и редовното одржување на сите зелени површини на овие  летни високи температури.