Се асфалтира во гробиштата и механичката работилница, а се фасадира и Капелата

 

ЈКП„Комуналец“ и Локалната самоуправа пред Велигденските празници во поголеми инвестиции на Новите градски гробишта.

Моментално се асфалтираат 2500 м2 на главната патека и споредните патеки. Претходно беше извршено тампонирање и изведување на ободните канали, со цел, да се соберат подземните води, но и водите кои надоаѓаатод ридот Песјо брдце. Вкупната инвестиција за асфалтирање на пристапните патеки е 1 милон и 500 илјади денари.

Со овој зафат кој беше најавен во есента, а не се реализира заради временските услови, ќе им се овозможи на граѓаните да имаат подобар и сигурен пристап до гробните места. Предвидено е по асфалтирањето да се облагороди просторот и да се уреди хортикултурно.

Освен ова, забрзано се работи на фасадирање на Градската капела која се гради на површина од 1200 метри квадратни. Завршено е фасадирањето на задниот дел и бочните зидови, а во текот на неделава Капелата ќе биде комплетно фасадно завршена. Фирмата изведувач „Златна рака“ работи и во внатрешниот дел на Капелата каде се поставува електричната инсталација и водоводната мрежа.

Градоначалникот Марјан Ристески на терен ја согледуваше работата и според него со изградбата на Капелата и асфалтирањето на пристапните патеки по многу години,градов ќе добие уредени гробишта со потребната инфраструктура.

Директорот на ЈКП„Комуналец“ најави дека Капелата ќе биде готова до летниот период, кога треба да се работи и на платото пред Капелата, а воедно да се изврши и ентериерно уредување.

На површина од 2000 метри квадратни ќе се асфалтира и во механичката работилница на ЈКП„Комуналец“ каде е предвидено да се направат платоа и боксови за селкција на отпад. Од Комуналец со овој зафат планираат да ја прошират дејноста во селекцијата на отпад и да селктираат примарно, со што помали количини на отпад би се носеле на депонијата Алинци.