Чистење на сите излези и влезови во градов

 

Комуналец, освен што прави генералка во градов, започна да ги чисти и излезите. Наредниов период ќе се чистат сите излези и влезови од се она што зад себе остава зимата.

Купишта губре, расфрлан најлон, отпад од пакување, чистат комуналците на излезот од потегот на рампата кај железничката станица накај фабриката Билјана.

Од Комуналец, велат дека мораат да се справат со сето исфрлено ѓубре кое зад себе го остава зимата. Наредниов период од единиците Паркови и зленило и Метачи ќе работат на сите излези од градов, со цел, на граѓаните да им се овозможи чиста животна средина и непречено движење.

Законот за Јавна чистота никако да ги опамети поедини граѓани, па тие и понатаму од своите возила исфрлаат разноразен отпад. Не помало е расфрлањето на ѓубре и на одредени фирми кои работат на овој потег па може да се забележат купишта најлон и отпад од пакување кои се должни сопствениците да го соберат во соодветни контејнери, а Комуналец да го подигне и да го транспортира до депонијата Алинци.

Со вакво несовесно однесување од поединци и понатаму Комуналец прави само дополнителни трошоци кои се на штета и на комуналното претпријатие и на граѓаните. Во наредниов период ке се чисти околината на стариот пат за Битола, подвозникот за Битола, излезот накај Новите градски гробишта и патот до вештачкото езеро.

Од Комуналец и понатаму апелираат до граѓаните да внимаваат на својата околина и да не фрлаат и оставаат ѓубре насекаде со што се добива лоша слика и за градов и за државата. Комуналец, останува на определбата, општинава и понатаму да го држи приматот за најчиста и најуредена општина во Македонија.