Зенит

Златко Ристески уште четири години ќе го води “Комуналец”


Јавна фирма функционира како приватна

ОД 26 април 2005 година за директор на ЈП „Комуналец“ е Златко Ристески. До ден денес, Комуналец го трасира патот на јавното претпријатие кое со покажаната дисциплина од страна на вработените, со дадената услуга на граѓаните и со одличниот развој многумина велат дека функционира како приватна фирма.

Акцент на уредување на Точила каде годинава ќе ги насочите силите?

Во селекцијата на отпадот и изградбата на капелата. Нема да трпи и градбата на паркови, согласно плановите. Ќе се доуреди населбата “Димо Наредникот” со фонтанска жардињера на двонасочната улица. Ќе продолжи градбата на маалски паркови во градот и во селата. Ќе се освежат постојните паркови, а партерно ќе се уредува населбата “Точила”. Хортикултурно ќе се уредуваат централните жардињерки на “Точила 3”. Размислуваме за дополнителни количества технолошка вода. Можеби годинава за сметка на сите овие работи ќе трпи набавката на возниот парк. Но, в година мораме да се насочиме и во тој дел.


„Комуналец“ треба да е огледало на локалната самоуправа. По скоро нецели пет години манаџирање, можете ли да направите споредба до каде е фирмата.

Комуналец имаше 138 вработени, сега сме 280. Тогаш немале да поделат плата за 138, а сега за 280 се обезбедуваат сите обврски. Немаше еден маалски парк, сега се над 40, кои од диви депонии ги претворивме во културни зелени површини со забавни реквизити за најмладите. Да не говорам за депонијата која беше препознатлива, единствено по чадењето. Сега е оградена со прописен влез и излез со контролирање на отпадот, со секојдневно мерење на секоја тура. Се отвораат нови етажи, кои се посипуваат со земја. Набавивме и тешка механизација која воопшто ја немаше. Ископавме 12 бунари за технолошка вода, поголема инвестиција која на подолг рок ќе биде исплатлива, заради тоа што нема да зависиме од водоводното претпријатие и во секој момент ќе ги одржуваме парковите со сопствена вода и во најжешките и најсушни периоди. Набавивме поголем број на возила за единицата “Подигачи на смет”. Набавени се лесни возила, додуша, настаро за потребите на останатите единици.


Оформивме оддел за селекција на отпад. Поставивме преку 140 контејнери за ПЕТ амбалажа и околу 70 за хартија. За годинава се предвидени дополнителни по 50 контејнери за двата селективни материјали. Ги градиме и еколошките острови по сообраќајниците да воведеме ред во комуналната инфраструктура. Поставивме 200 корпи со пепелници по јавно прометните површини и 200 мали корпи за отпадоци по сијаличните столбови. Успевме да ги доведеме до врвна чистота старите и нови градски гробишта. Работиме на градба на патеки, кои со години биле запоставувани. Предвидена е доизградба на Градската капела. Ќе се гради во зависност со приливот средства. Бевме вклучени во градбата на плоштадот “Александрија”, ја изградивме Могилата на непобедените и двенасочната улица „Петта Прилепска...” со површина од 10 илјади метри квадратни. Го градиме и Терминалот.


Каде најмногу се “испотивте” и од кој од зафатите, такаречи, лежи за градот?

Во секоја работа е вложен многу труд на вработените. Се е работено со големи штедења, со огромна дисциплина. Би ја издвоил Могилата, која од
едно запуштено место, се претвори во прекрасен парк со повеќе содржини. Посебно ми е драг објект, зашто и граѓаните се гордеат. Тука е и “Петта прилепска...” која можеби и не чинеше повеќе пари. Сепак, неблагодарно е да говорам што ми е најдраго. Се има намена.


Терминалот ги наруши предвидувањата?

Кога нешто е нужно, мора да се пролонгираат другите работи. Затоа ја одложивме изградбата на капелата. Терминалот треба да исполни голем број услови кои повлекуваат големи финасии со новата законска регулатива. Со напор,па и со намалување на бодот, односно на платите, ќе успеееме да ја добиеме дозволата. Таму вложивме во пет илјади метри квадратни асфалт, довод и одвод за канализациона и атмосферска вода, нови простории за царината со потребниот инвентар, ИТ линија и посебна архивска просторија. Изградена е контролната кула за проверка, посебен простор за АДР - за опасни стоки, поставен е видео надзор на целата површина, поставено е озвучувањето за тонско повикување за царинење, во моментов се инсталираат електронските рампи. Избрана е фирма за надградба на дигатилната 50 тонската вага. Се градат санитарни јазли со тушеви, а за две недели ќе се постават пет куќарки со површина од 55 метри квадратни. Вложени се над 10 милиони денари. Останува уште една поголема инвестиција за изградба на хала за царинење. Терминалот сопре многу други зафати, но на стопанството мора да му се олесни, оти не треба да царини во блиските градови и да му пораснат трошоците. Нужно е да се почитува Законот. наша е проблемот што инвестиција дојде во лошо време. Се јавија невистини околу Терминалот дека не сум сакал да инвестирам, дека сум го намалил бодот на вработените. Кој директор не сака да дава високи плати. Вработените едно мора да сфатат - подобро е да однесат нешто дома на подолг рок, отколку да ги испумпаме средствата во плати, а да немаме инвестиции. Без инвестиции ништо не се развива, па ниту јавното претпријатие.


Како Прилеп ќе го решава управувањето со отпадот?

Тешка тема. Министерството за животна средина излезе со регионално решение на отпадот. Градоначалници разговараат, а ЈП работи стратегија, доколку отпаднат регионалните депонии. Се залагам за моделот на селекција, рециклирање и санитарно депонирање од помал обем.


Доколку не се реализира регионалната депонија, може ли граѓаните да се навикнат да селектираат отпад -пластика, хартија, метал, биоразградлив отпад и др.

Можеме да се примени моделот на “сув и влажен” отпад. Граѓаните треба да селектираат во два садови. “Сувиот” отпад се рециклира, а “влажниот” е од биоразградливи материи. Со едноставен начин, граѓаните побрзо ќе сфатат да одделуваат и да се обучат. Поинаку, со двоење во повеќе садови, граѓаните ќе се оптоварат и нема да прифатат селекција, дури и да се казнуваат. “Сувиот” отпад ќе се доселектира или рачно, што е најприфатлив модел според експертите или сензорски, што е поскап модел, или комбиниран. Доколку успееме, ќе остане малку смет кој “Комуналец” ќе го носи, да претпосатвиме, сега засега, во регионална депонија. Со тоа помалку ќе плаќа, заради тоа што одлагањето се пресметува во тежина. Тоа ќе биде поефтино за граѓаните. Отпадот е пари кој ќе ги намали сметките. Останува да ги заработиме.

 

Како успевате да управувате со јавна фирма од оваа дејност?

Претешко е да се управува, поради хетерогеноста на дејностите. Во ЈП се вработени и разбрани и неразбрани работници. Но, се исправа состојбата со вработените. Можеби 90 отсто сфатија дека може да се земе плата само со работа и со врвна услуга. Останатите 10 проценти или ќе разберат или системот на управување ќе ги отфрли по автоматизам. Поточно, вработени ќе ги излачат оние кои намерачиле да земаат плата без труд. “Комуналец” изгради добра основа да се развива. Потребна е и соработка со граѓаните, со бизнис секторот, со Советот, со градоначалникот. Заедно, низ разговор, со идеи и разбирање, ќе градиме здрава, културна, чиста и уредена средина.