Се чистат неколку диви депонии во населбата Кузман

На ул „2-ри август“ се чистат неколку диви депонии позади куќите, или по каналот кој води до Регионалниот пат. Со години несовесни граѓани го затрупувале каналот, а огромни количини на отпад се исфрлени и покрај каналот.

Жителите од блиските куќи вината ја лоцираат на жители кои живеат околу градската болница и посочуваат дека од таму најмногу доаѓале да исфрлаат отпад. Имале и неколку пати пријавено до инспекциските служби, но залудни биле нивните молби и до оние несовесни граѓани кои носеле и исфрлале отпад и во каналот и до него.

Покрај комунален отпад, жителите велат дека на ова место се исфрла и градежен шут, иако и самите жители знаат и ни посочија дека „Комуналец“ врши услуга со контејнери од 5м3, за одлагање на отпад создаден при градење.

Како и да е, Локалната самоуправа и „Комуналец“ имаат законска обврска, согласно Планот за работа и Програмата за управување со отпад, да вршат соборање и депонирање на отпад од диви депонии. Прашањето е, зошто кога „Комуналец“ има редовна линија, и редовно информира дека од домовите се собира сиот комунален отпад, и понатаму граѓаните се мачат и го исфрлаат насекаде. Култура е, навика е, или отпор да се прифати модерен и културен начин на живеење.

Уште еднаш нагласуваме дека „Комуналец“ го собира сиот отпад кој е пресметан во цената на сметката која ја плаќаат граѓаните. Единствено „Комуналец“ согласно Закон, наплаќа 1360 ден. за 5м3 контејнер.

Можеби ќе ви се допадне