Апелираме на повисока граѓанска свест и правилно одлагање на отпадот.

Фотографиите говорат на какво ниво е нашата култура со правилното одлагање на отпадот. Ова е секојдневна слика по Дабнички канал, наспроти типската населба. Иако овој дел од речното корито се исчисти со механизација, а во тек е финото рачно чистење на зидовите од коритото, несовесни граѓани секојдневно исфрлаат отпад од кастрење на огради и дрвја, отпад од градинарски растенија, лисја и други видови на комунален отпад.

Наместо отпадот да го спакуваат во вреќи, да го сочуваат до врвењето на редовната линија, тие, без исклучок, секојдневно го одлагаат на кејот на Дабнички канал. Одлагаат и големи купишта на кастрени гранки, а потребно е само да се јават на 048/428 992, или да се обратат кај реонскиот контролор и бесплато да им биде подигнат од дворовите. Со ваквото неконтролирано исфрлање на отпад, комуналните работници трошат беспотребно време, се трошат дополнително финасиски средства, а се нагрдува и визуелниот изглед на градов.

Со цел сите заедно да го подобриме управувањето со отпадот, ЈКП „Комуналец“ апелира до граѓаните да ги следат следните препораки:
-Отпад од правење на зимница или отпадоци од винска лоза при турање на вино, доколку не собира во куќната канта, граѓаните да го ставаат во вреќа и ќе биде подигнат отпадот од домовите.
-Отпад од косена трева, кастрење на огради, собран во вреќи или садови, се собира со неделната редовна линија. Доколку се работи за големи количини, или пак имате поголема количина кастрени гранки, граѓаните да звонат на 048/ 428 992, со цел бесплатно подигање на отпадот.
-Пластична ПЕТ и лимена амбалажа од било кој производ, отпадот од пластика( туби, кофи, гајби, буриња, ролетни, цефки, капаци од шољи др.), граѓаните да го оставаат во, или до жолтата куќна канта, без оглед на количината отпадот ќе биде подигнат од дворовите.
-Габаритен отпад ( каучи, кревети, јоги, витрини, комоди, маси, столови, теписи, постелнина), се собира секој четврток бесплатно за физички лица со најава од страна на граѓаните на телефонскиот број 048/428 992.
– Градежен шут (единствено се наплаќа), собирање со контејнер од 5м3 -1365,оо или трактор 630,оо ден. На физичките лица кои имаат сопствен превоз овозможен им
е бесплатен влез на депонија со контрола на рампа и евиденција на отпадот.
– Азбестните табли се подигаат со посебна процедура, согласно правилата од Листата на видови на отпад и Правилниците за работа од Министерството за животна средина и просторно планирање, со најава од страна на граѓаните.
– Отпад од живина или животински отпад, се подига со посебна процедура и со најава од страна на граѓаните.
– Електричен и електронски отпад, отпадни гуми, батерии и акумулатори, ќе биде подигнат од страна на „Комуналец“ со посебна најава од граѓаните, или лично кај колективните постапувачи со овој вид на отпад.

За граѓаните кои живеат во колективно домување, исто така потребна е селекција и правилно користење на контејнерите, по следните насоки:
-Сиот биоразградлив и мешан отпад, граѓаните да го одлагаат во поцинкованите контејнери;
-Плавиот жичан контејнер е за: хартија, картон, најлон и целофан;
– Жолтиот жичан контејнер е за ПЕТ амбалажа, отпад од пластика и пластична амбалажа, лименки, боци, спрејови од козметика, или било кој амбалажен отпад.

За сите дополнителни прашања во однос на правилното постапување со отпадот, или доколку сакаат да пријават неправилно исфрлен отапад или дива депонија, граѓаните можат да се информираат на интернет страната www. komunalecprilep.com.mk и посочените телефонски броеви , како и лично во просториите на претпријатието и на ФБ страницата ЈКП Комуналец – Прилеп

Можеби ќе ви се допадне