Ново комунално возило за собирање и транспорт на рециклирачки отпад за прилепски „Комуналец“

Со финансиска помош на ЕУ, ЈКП „Комуналец“ – Прилеп набави ново комунално возило со капацитет од 7+1 м3, чија вредност без ДДВ изнесува 61.494 евра.

Со оглед на застарениот возен парк и на тоа што јавното претпријатие последен пат набавило ново возило пред десетина години, комуналното возило во многу ќе го олесни собирањето и транспортот на сите видови на рециклирачки материјали од домаќинствата.

Градоначалникот Илија Јованоски напомена дека, покрај набавката на возилото кое во многу ќе ја олесни работата на прилепските „комуналци“, а ќе биде од полза и на граѓаните, во рамките на проектот „БИО – РЕАЛ“, ЈКП „Комуналец“ ќе добие и автоматска континуална преса од 50 тони.

„Наскоро ќе пристигне и новата хидраулична преса за пресирање на различен вид отпаден материјал, што ќе придонесе за намалување на волуменот на отпадот и за негово полесно пренесување. Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ тука нема да застанат, бидејќи во буџетот за следната година планирани се средства за обновување на возниот парк на јавното претпријатие, што секако ќе биде од интерес на граѓаните на нашиот град“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

„Со ова возило и со возилата кои во следниот период ќе ги набавиме со поддршка на локалната самоуправа, од една страна ќе обезбедиме поквалитетна услуга кон граѓаните, а од друга страна ќе овозможиме заштита на животната средина, подобрување на амбиенталниот воздух и подигање на квалитетот на услугите на повисоко ниво“, истакна Ирена Станковска, в.д. директорка на ЈКП „Комуналец“.

„Денеска на ЈКП ‘Комуналец’ од Прилеп му предаваме специјално возило за собирање на комунален отпад со волумен од 7 м3. Се надеваме дека ќе им служи долго време, на задоволство на сите граѓани на општина Прилеп“, изјави Филип Христов, претставник на економскиот оператор „Карго Макс Ивеко“.

Вкупната вредност на новото комунално возило и автоматската континуална преса од 50 тони, изнесува 121.000 евра, а средствата од проектот „БИО – РЕАЛ“ се финансиска поддршка од програмата на Европска Унија „Интеррег – ИПА“, прекугранична соработка со Грција.

Можеби ќе ви се допадне