Се’ поголем број граѓани ја користат услугата на „Комуналец“ за бесплатно подигање на габаритен отпад

За неполн месец од почетокот на акцијата за собирање на габаритен отпад од домаќинствата, до ЈКП „Комуналец” се обратиле 21 семејство, од чии домови веќе е подигнат и транспортиран најразличен мебел, теписи, покривки, постелнини и други неупотребливи куќни предмети.

Со воведувањето на посебен ден, четврток, за организирано собирање и вклучување во интегрираната шема за собирање на посебни категории на отпад, ЈКП,,Комуналец” ја подобрува услугата кон граѓаните, а воедно и спречува неконтролирано исфрлање на габаритен отпад во природа, што влијае на заштитата на животната средина.

Од ЈКП „Комуналец” велат дека се задоволни од досегашната соработка со граѓаните и дека имаат се’ почести јавувања за подигање и други категории на отпад, кои не спаѓаат во категоријата на комунален отпад. Од јавното претпријатие очекуваат дека со тек на време ќе се подигне свеста за потребата од управување со отпадот, како на граѓаните, така и на комуналните работници.

ЈКП „Комуналец” – Прилеп, акцијата ја започна на 19 август, а резултатите од неа веќе се видливи за неполн месец.
За оние граѓани кои се’ уште не се информирани за акцијата, од ЈКП,,Комуналец“ уште еднаш ги информираат граѓаните дека вршат бесплатно организирано собирање на габаритен отпад од домаќинствата, и тоа секој четврток, од 07.00 до 14.00 часот.

Граѓаните треба само да се јават на телефон 048/428-992, да остават лични податоци, кој вид на отпад го поседуваат и во која количина е истиот. Отпадот треба да биде изнесен од домовите во дворните места, додека за станбеното живеење потребно е мебелот да биде оставен пред влезовите во закажаниот термин.

Можеби ќе ви се допадне